„НОЌ СО ПАЧИНО“ – ОСКАРОВЕЦОТ СЕ ВРАЌА ВО ТЕАТАР

Париз, (АФП)

Ал Пачино ќе одржи две соло претстави во Париз следниот месец, за да се присети на неговите времиња во театар, кога имал поинтимни средби со публиката.

Во интервју за францускиот весник „Фигаро“, 78-годишната ѕвезда на класиците како „Кум“ и „Лице со лузна“ изјави дека долго време сонувал да игра во Париз.

„Ноќ со Пачино“ ќе се одржи на 22 и 23 октомври во Театарот на Париз, на англиски јазик, без превод.

Пачино вели дека идејата му била настанот да не наликува на мастерклас или, пак, на конференција за надежни актери.

„Низ разговори со публиката, ќе говорам за тоа што ми се случувало во животот“, кажа Пачино, додавајќи дека е голем обожавател на Молиер и Чехов.

„Најдобро ја познавам европската литература“, рече тој.