ЏЕЈМС ГАН НЕ Е ОТПИШАН, ЌЕ ГО ПРАВИ ВТОРИОТ ДЕЛ НА „ОДРЕДОТ НА ОТПИШАНИТЕ“

Лос Анџелес, (Индиваер)

Режисерот Џејмс Ган ќе направи трансфер од универзумот на Марвел во универзумот на Ди Си комикс.

Откако беше отпуштен од „Дизни“ и франшизата „Чувари на галаксијата“ поради стари навредливи твитови, тоа, сепак, не значеше крај на неговата кариера во Холивуд и шанса за нов почеток ќе му даде „Ворнер брос“.

Ган, за чие останување во „Чувари на галаксијата“ се потпишуваа петиции, е ангажиран да го напише сценариото за вториот дел на „Одредот на отпишаните“, а можеби и ќе го режира филмот.

Првиот дел на „Одредот на отпишаните“ (2016) беше режиран од Дејвид Ајер и вклучи ѕвездена актерска постава, на чело со Вил Смит, Џеред Лето и Марго Роби. Филмот на светско ниво заработи 750 милиони долари.