ЗЛАТЕН ОРИКС ОД СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ЗА ФИЛИП ДИМИШКОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот Филип Димишковски е годинашен добитник на наградата Златен орикс за најдобар млад џез музичар, која ја доделува Скопскиот џез фестивал (СЏФ). Фестивалот лани ја воведе наградата, кога ја доби тапанарот Виктор Филиповски.

Дваесет и тригодишниот Димишковски почнал да учи пијано на 12 години, кај Игор Димовски. Подоцна посетувал часови кај Дамир Имери, каде што се запознал со основите на џезот. На 18 години веќе свири по локални клубови во Скопје во различни џез формации, со Тони Китановски, Александар Икономов и други.

„‘Гоце Стевковски септет‘, ‘Некст ту сајленс’, Сара Мејс, ‘Конкеринг лајон’ и ‘Љубојна’ се само некои од попознатите бендови/музичари со кои има соработувано. Има настапувано низ Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот, како и на повеќе фестивали“, велат од СЏФ.

Џез фестивалот годинава ќе трае до 17 до 21 октомври, а наградата на Димишковски ќе му биде врачена на забавата в петок, во кафе-барот „Винил“.