ЛИДИЈА ГЕОРГИЕВА СО БЕЗВРЕМЕН ШИК ПРОСЛАВИ 20 ГОДИНИ ОД БРЕНДОТ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Креации од луксузни материјали, тантели, плетени дизајни и принтови содржи јубилејната колекција на познатата дизајнерка Лидија Георгиева, насловена „Милион милји време“, со која започна 18. издание на Модниот викенд во Скопје.

Во некои од креациите првпат се презентирани и дизајни од ексклузивната соработка со францускиот бренд „Фејмс“ (Фото: Ѓ. Личовски)

Моделите ги претставија креациите на специјално дизајнираната модна писта во одличниот амбиент на студиото на симфонискиот оркестар за филмска музика „Ф.А.М.Е.’С“.

Георгиева ја претстави колекцијата по повод 20 години од создавањето на својот бренд.

„Приказната се одвива во атмосфера на патување, креативниот процес и изработката се резултат на едногодишно континуирано патување низ Европа. Дел од моделите дури се работени во автомобил во движење некаде на континентот. Пробивањето на личните и општествените ѕидови и бариери, уживањето во неограниченоста, потрагата по слободата, слободата на изразот и силното чувство на слобода кога патуваме се теми на колекцијата“, вели дизајнерката.

Модниот викенд од вечерва до недела продолжува во „Скопје Мериот хотел“, каде што ќе се претстават македонските дизајнери, како Ирина Тошева, Теодора Митровска, Силвија Миха, Олгица Ѓоргиева и Сара Реџиќ, како и дизајнери од Велика Британија.

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ