Европската филмска академија ги објави номинациите за престижните награди, кои по 31. пат ќе се доделат на 15 декември во Севилја, Шпанија.
По триумфот на доделувањето на европските оскари во 2014 година со филмот „Ида“, режисерот Павел Павликовски повторно е на чело на фаворитите. Неговата романтична драма „Студена војна“ доби пет номинации: за најдобар филм, режија, сценарио, машка и женска улога.
Три филмови добија по четири номинации: „Граница“ на Али Абаси, „Догмен“ на Матео Гароне и „Среќен како Лазаро“ на Алиса Рорвахер.
За наградите ќе гласаат 3.500 членови на Академијата.