ПРЕМИЕРА НА „ЕДНОРОЗИ“ НА РИСИМКИН И ТАНЧАРИТЕ ОД СКОПЈЕ ТАНЦОВ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопскиот танцов театар за вечерва (20 часот) во Младински културен центар (МКЦ) ја најавува премиерата на „Еднорози (Магичен свет)“ како последна продукција за 2018 година, која беше прогласена за „Година на танцот“.

Претставата е составена од два дела. Првиот е „trashOUT“ во кореографија и режија на Анастасија Данчевска и Дејан Битровски и во неа свое деби имаат студентите од прва година на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип: Исидора Краљевска, Фросина Шуман, Борис Богдановски и Тања Крстевска. Ќе настапи и Бобан Русески, студент на втора година.

Вториот дел е насловен „Анима“, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин и танчарите. Костимите се на Благој Мицевски, а играат професионалните танчари на СТТ: Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Анастасија Данчевска и Тринга Хиса.

„Претставата се базира на теоријата на Јунг дека во душата (анима-та) на мажот се содржани четири архетипови на жената, Ева, Хелена, Марија и Софија. Кореографијата е направена врз база на истражување на состојбите и конекциите на петте елементи, т.е. четирите жени и мажот“, вели Рисимкин.

Претставата е дел од програмата „Инкубатор – Денови на младинска култура“, поддржана од Министерството за култура во проектот „Млади Европејци“. Утре во 19 часот ќе се изведе во Мултимедијалниот центар во Штип, а в сабота од 19 часот во Центарот за современа ликовна уметност во Прилеп.