ЏИЛИЈАН АНДЕРСОН КАКО МАРГАРЕТ ТАЧЕР ВО „КРУНА“

Лондон, (Индипендент)

Ѕвездата на „Досие икс“, Џилијан Андерсон, ќе ја глуми Маргарет Тачер во ТВ-серијата „Круна“, објави „Нетфликс“. Ликот на поранешната премиерка на Велика Британија ќе се појави во епизодите кога серијата ќе го третира периодот од доцните 1970-ти.

„Нетфликс“ веќе ги снима третата и четвртата сезона, кадешто кралицата Елизабета Втора ја глуми Оливија Колман. Со оглед на тоа дека Тачер беше активна во периодот од 1970-ите до 1990-ите години, Андерсон веројатно ќе дебитира во четвртата сезона.

Џош О’Конор ќе го игра принцот Чарлс, а сѐ уште е непознато кој ќе се појави во улогата на принцезата Дијана.

По двете успешни сезони и освоени низа награди, „Круна“ ќе продолжи со емитување во втората половина на годинава.