НЕФОРМАЛНА ПРЕКУ ДЕН, ГЛАМУРОЗНА НАВЕЧЕР – ЛОНДОН ЌЕ ДОБИЕ НОВА КОНЦЕРТНА САЛА ЗА 326 МИЛИОНИ ЕВРА

Лондон, (АФП)

Реномираниот британски диригент Сајмон Ретл ги објави амбициозните дизајни за новата концертна сала во центарот на Лондон, која ќе чини 326 милиони евра (288 милиони фунти).

Музичкиот директор на Лондонскиот симфониски оркестар рече дека е пресреќен и возбуден што Лондон ќе добие нов културен центар, симбол кој ќе го претставува како динамичен културен град, според примерот на Филхармонијата во Хамбург.

Средствата за салата ќе се собираат од приватни донации (Фото: АФП)

Ултрамодерниот објект ќе биде од стакло, рефлектирајќи го мотото на оркестарот за транспарентност и успех. Салата, која ќе се гради четири години, ќе има 2.000 седишта, а на барање на Ретл, ќе има проѕирни стакла на последните редови, за децата кои доаѓаат во посети да можат да ги гледаат музичарите.

Елизабет Дилер од студиото „Дилер Скофидио+Ренфро“ рече дека просторот ќе биде неформален преку ден, а гламурозен навечер.

Архитектите сакале салата да биде слоевита (Фото: АФП)

„Нема да има хиерархија во седиштата, што значи дека сите ќе имаат јасен поглед кон сцената“, рече Дилер.