Под мотото „Влези во наш филм, влези во македонски филм“, од петок до недела во Младински културен центар за првпат ќе се одржува филмската ревија „Златна рамка“, која претставува отчет на македонски филмови од изминатата календарска година.
Иницијатор и организатор е Друштвото на филмски работници на Македонија, а ќе се прикажат 25 македонски филмови кои имале премиера во 2018: седум документарци, два долгометражни и 16 кратки филмови.
„’Златна рамка’ се создаде поради фактот што најголем број домашни филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во киносалите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од нивните автори и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма“, вели уметничката координаторка на ревијата, новинарката Ана Василевска.
Таа додаде дека од ланската продукција, три филма одбиле да учествуваат на „Златна рамка“, меѓу кои и „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи.
ДРФМ в сабота ќе додели почесни награди за филмските професионалци: за најдобар автор, актер и работник. Проекциите ќе бидат бесплатни.