ЕКСПЛОЗИЈАТА НА МЕТЕОР НАД КАМЧАТКА БИЛА 10 ПАТИ ПОСИЛНА ОД АТОМСКАТА БОМБА ВО ХИРОШИМА, ОБЈАВИ НАСА

Вашингтон, (Гардијан)

Експлозијата на метеор што била регистрирана над Берингово Море во декември ослободила десет пати повеќе енергија од атомската бомба што ја уништи Хирошима, објави НАСА.

Огнената топка го осветли небото над рускиот полуостров Камчатка на 18 декември, ослободувајќи енергија еднаква на 173 килотони ТНТ. Тоа е најголемата воздушна експлозија од влегувањето на друг метеор во Земјината атмосфера над рускиот град Чељабинск пред шест години и втора најголема во последните три децении.

За разлика од метеорот над Чељабинск, кој беше снимен со камери, декемвриската експлозија помина речиси незабележано, бидејќи се случи на зафрлена локација. НАСА била известена за настанот од американските воздушни сили.

„Експлозија со ваква магнитуда може да се очекува два до три пати во 100 години“, изјави офицерот на НАСА, Линдли Џонсон.

Веројатно широк неколку метри, метеорот влегол во Земјината атмосфера со брзина од 115.000 километри на час, со остра траекторија од седум степени и експлодирал на височина од 25,6 километри.

„Ова се случи над Берингово Море и затоа не се појави на вести. Тоа што имаме многу вода на Земјата ни оди во прилог“, додава Џонсон.