АМСТЕРДАМ ЌЕ ГИ ЗАБРАНИ ТУРИСТИЧКИТЕ ТУРИ НИЗ „ЗОНАТА НА ЦРВЕНИТЕ ФЕНЕРИ“

Амстердам, (Гардијан)

Амстердам ќе ги забрани организираните тури низ „зоната на црвените фенери“, со цел да се намали бројот на туристи во историскиот центар на градот, но и бидејќи тие не покажуваат почит кон сексуалните работнички.

„Веќе е неприфатливо во ова време на сексуалните работнички да се гледа како на туристичка атракција“, изјави градскиот советник Удо Кок.

Анкетите покажуваат дека 80% од сексуалните работнички сметаат дека туристите кои зјапаат лошо влијаат врз нивната работа и градските власти дури предлагаа зоната да се пресели во друг дел од градот.

Благодарение на евтините летови и онлајн резервирањето, Амстердам, град со 850.000 жители, лани го посетиле 19 милиони туристи и се предвидува дека до 2025 година бројката ќе порасне на 29 милиони.

Забраната, која ќе опфати и платени и бесплатни тури, ќе стапи на сила на 1 јануари. Се проценува дека во „зоната на црвените фенери“ неделно се организираат над 1.000 тури, а рекордот бил 48 во еден час.