„ФАНТАЗИЈА АПАСИОНАТА“ СО ФИЛХАРМОНИЈАТА И АВСТРИЕЦОТ ШМИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Австрискиот виолинист Бенџамин Шмид е солист на вечерашниот концерт на Филхармонијата, насловен „Фантазија апасионата“ (20 часот).

Под диригентство на Конрад фан Алфен, ќе бидат изведени дела од македонскиот композитор Владимир Николов – премиера на „Jasmine Flowers and Red Chestnuts“ и од белгискиот композитор Анри Виетан – Концерт за виолина и оркестар бр. 5 и премиера на неговата „Фантазија апасионата“, од каде потекнува и насловот на концертот. Ќе се изведе и Симфонија бр. 3 наречена „Шкотска“ од Феликс Менделсон.

Шмид важи за еден од најпопуларните европски виолинисти, за кого се снимени неколку документарни и концертни филмови, а кои го прикажуваат неговиот исклучителен статус како музички уметник.