70 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА ОПЕРА И БАЛЕТ СО ГАЛА КОНЦЕРТ И „КАВАЛЕРИЈА РУСТИКАНА“

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Со гала – концерт и премиера на операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, вечерва во 20 часот во  Mакедонската опера и балет (МОБ) се прославуваат 70 години постоење на Македонската опера.

На концертот, под диригенство на Бисера Чадловска, која е уметнички директор на Операта, ќе настапат солистите- првенци на МОБ со арии, дуети, терцети, квартети, оркестарски и хорски нумери од Пучини, Маскањи, Џордано и Масне.

Во вториот дел од вечерта премиерно ќе биде изведена операта во еден чин „Кавалерија рустикана“ во режија на Италијанецот Џандоменико Вакари, под диригентство на Џанлука Мартиненги од Италија.

Сценограф на претставата е Зоран Николовски ,а костимите се на Елена Дончева. Ќе учествуваат Весна Ѓиноска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Николина Јаневска и Марика Поповиќ. Репризата е закажана на 3 ноември , со диригентот Иван Еминовиќ.

Според режисерот Вакари „Кавалерија рустикана“ е значајно дело зашто се смета за порта за италијанската опера во 19 век.

МОБ најавува дека седумдеценискиот јубилеј од постоењето на Операта, ќе се одбележува во текот на целата година со цел да го претстави целиот ансамбл и солистите.

Б. НЕСТОРОСКА