Фејсбук размислува да ангажира уредници кои би селектирале „висококвалитетни вести“, што потоа би се објавувале на мрежата, во обид да се ослободи од репутацијата дека е извор на дезинформации.
Секцијата за вести, што би се преземале од проверени и доверливи медиуми, било од алгоритам, било од луѓе, би одела паралелно со њузфидот.
„Ние нема да имаме новинари кои ќе пишуваат вести, туку со новата алатка ќе се промовира материјал создаден од трети страни. Она што сакаме да направиме е на нашите корисници да им обезбедиме висококвалитетни, доверливи вести“, вели Марк Закерберг, додавајќи дека медиумските куќи, веројатно, би биле плаќани за ова.
Компанијата веќе некое време се носи со оваа идеја и новата секција би требала да биде лансирана до крајот на годината.
Закерберг проценува дека 10-20% од корисниците на Фејсбук би биле заинтересирани за оваа секција, бидејќи „мнозинството луѓе само сакаат да видат што им прават пријателите“.