ЛЕБРОН ЏЕЈМС НЕ ОДИ НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ОТИ ЌЕ СНИМА ФИЛМ

Лос Анџелес, (ЕСПН)

Една од најголемите НБА-ѕвезди Леброн Џејмс и официјално го откажа настапот на Светското првенство во Кина, а една од причините е што планира да снима филм ова лето.

Џејмс ќе го замени Мајкл Џордан во продолжението на играно-анимираниот хит од 1996 година „Вселенска кошарка“ и снимањето треба да почне по завршувањето на тековната НБА-сезона.

Тој ги повреди препоните пред нова година и потоа предвреме ја заврши сезоната, откако Лос Анџелес лејкерс не успеа да се пласира во плеј-офот, па одлучи да остане во Калифорнија ова лето. Продукцијата на филмот, кој треба да излезе во јули 2021, од старт се базираше на тоа дека Џејмс нема да игра на Мундијалот, иако САД ќе ги води еден од неговите омилени тренери Грег Попович.

„Го сакам Попович, но ова не е добро лето за мене. Сепак, Олимпијадата во 2020 останува опција“, изјави Џејмс.

„Вселенска кошарка 2“, во кој Џејмс ќе заигра кошарка со Душко Долгоушко, ќе го режира Теренс Ненс.