Македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски, кој повеќе од дваесет години живее и работи во Њујорк, ќе одржи ексклузивен концерт на годинашниот 18. Офф-фест, на 3 јуни во Македонската опера и балет. Роџевски ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез авангарда: Мери Халворсон (гитара), Кирк Кнафке (труба), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани), јадрото на екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавањето и снимањето на неговите композиции.
Ова ќе биде македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски од неговите три албуми: „Батанија“ (2015), „Горчливи бадеми“ (Bitter Almond) (2017) и „Зајакот и паднатиот јавор“ (The Rabbit and The Fallen Sycamore) (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика. Последниот беше избран за еден од најдобрите албуми за 2018 година од страна на реномираните списанија „Даунбит“ од САД и „Вајр“ од Велика Британија.
Почетоците на Роџевски се во 1990-ите години во Битола, заедно со група музичари, од која подоцна ќе произлезат „Фолтин“ и „Љубојна“. Пошироката публика го познава по музиката за филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев.
Роџевски е второто потврдено име на Офф-фест 2019, покрај африканската дива Фатумата Дијавара.