Универзитетот на Тел Авив презентираше прототип на минијатурно срце создадено со 3-Д печатар и од човечко ткиво и научниците велат дека ова е прв таков случај во светот.
„Ова е првпат некој некаде да создал и отпечатил цело срце сосе клетки, крвни садови и комори“, изјави на прес-конференција професорот Тал Двир, кој го предводеше истражувањето.
Од универзитетот велат дека научниците досега успешно имаат отпечатено само едноставно ткиво, без крвни садови.
„Важно е што срцето е создадено од ткивото и биолошкиот материјал на самиот пациент, зашто на тој начин се елиминира ризикот од отфрлување на имплантот“, додаде Двир.
Презентираниот примерок има големина на срцето на зајак, но Двир вели дека за човечко срце е потребна иста технологија. Следниот чекор во истражувањето е ова лабораториско срце „да се научи да се однесува како срце“. Откако ќе успеат во тоа, научниците планираат да го трансплантираат во мали животни, како зајак или стаорец.
„Во сегашната состојба тоа може да се спореди со срцето на ембрион“, појасни Двир.