Поп кралицата Мадона конечно даде официјално навестување на својот нов албум, што ќе излезе во текот на оваа година. Насловот на нејзиниот 14. студиски албум и прв по пауза од четири години ќе биде „Мадам Екс“ (Madame X).

Таа зборува за него во краткото видео што го објави на Инстаграм, проследено со мало парче од новата музика.

„Решив насловот на новиот албум да биде ‘Мадам Екс‘. Таа е таен агент кој патува низ светот, менува идентитети и носи светлина на мрачни места“, вели Мадона.

Мадона во јануари минатата година првпат навести дека работи на нов албум, но ниту сега не откри информации за новата музика. Во меѓувреме беше потврдено дека таа ќе биде специјална гостинка на Евровизија во Тел Авив, кадешто би можела премиерно да изведе нова песна.