Виолинистката од Јужна Кореја, Сојанг Јун, ќе биде солистка на вечерашниот концерт во Филхармонијата, насловен „Романса“ (20 часот). Ќе диригира Михал Нестерович од Полска.
Јун ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар од Јоханес Брамс. Премиерно ќе биде изведена и Петтата симфонија од англискиот композитор Ралф Вон Вилијамс.
„Изведбите на Сојанг Јун, една од водечките виолинисти и камерни музичари на својата генерација, се опишани од критиката како високо дисциплинирани и техничка совршеност“, велат од Филхармонијата.
Сојанг Јун е добитничка на први награди на престижните натпревари „Јехуди Мењухин“ и „Хенрик Виењавски“, како и на сребрен медал на натпреварот во Индијанаполис. Свири на виолина изработена од Гвадањини во 1773 година, позната и како „Бикебург“.