МУЗИЧКИ ПЛАНИНАРКИ ПРАВАТ КОНЦЕРТИ ШТО ВО ЖИВО ГИ ИМААТ СЛУШАНО ПОМАЛКУ ОД 30 ЛУЃЕ

Портланд, (Би-Би-Си)

Анастејжа Алисон (виолина) и Роуз Фримен (пијано/клавијатура) се американски музичарки чии настапи неретко немаат публика.

Како членки на дуото „Мјузикл маунтнирс“, основано во 2017 година, тие пешачат со своите инструменти до некоја зафрлена дивина, таму се облекуваат формално и свираат ненајавено. Најчесто пред никого.

Тие досега одржале околу 40 ненајавени концерти

„Целта е да креираме момент на чиста уметност, мала по обем, од почит кон планинското опкружување. Сакаме да направиме нешто многу убаво и потоа тоа да исчезне“, вели 38-годишната Алисон.

Тие досега имаат одржано околу 40 концерти во дивината на регионот Пацифички Северозапад и проценуваат дека помалку од 30 луѓе ги имаат слушано во живо. Сепак, нивната популарност полека расте, благодарение на каналот на Јутјуб на кој ги објавуваат снимките од своите настапи.

„Да сакавме тоа да биде шоу, ќе ги најавувавме на време. Сакаме нашите рецитали да останат тајни и да ги одржуваме неколку километри длабоко во шумата, на езера, на зајдисонце. Оние што случајно имаат налетано на наш концерт велат дека уживале во моментот како непланиран подарок“, додаде Алисон.