Неколку дена откако го објави новиот албум „МОМОМА“, „Фолтин“ ја закажа и неговата концертна промоција. Таа ќе се одржи на 25 мај во клубот „Кабрио“ во Скопје, со почеток во 21 часот. Цената на картите ќе биде 400 денари, односно 500 на денот на концертот.
„МОМОМА“ е осми студиски албум на битолската група, за кој велат дека претставува отстапување од досегашниот концептуален пристап.
„Ние се навикнавме на нашите албуми да се водиме од некој концепт, но овојпат решивме албумот да биде поразличен. Осмиот албум е збирка од шест постандардни песни од оние што луѓето навикнале да ги чујат од ‘Фолтин‘“, кажа пејачот Бранислав Николов на неодамнешната промоција.
„Фолтин“ најави дека во план е и турнеја, која треба да се одржи во јуни.