ДРАМИТЕ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ИМАА ПРЕСУДНО ВЛИЈАНИЕ НА МОЈОТ ВКУС, ВЕЛИ СРПСКИОТ АКТЕР НЕБОЈША ИЛИЌ ПРЕД НАСТАПОТ ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 10 мај во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се изведе српската претстава „Ноќ на боговите“, во која играат познатите актери Војин Ќетковиќ, Небојша Илиќ и Дејан Луткиќ. Автор на текстот е Миро Гавран, а режисер е Марко Манојловиќ. Екипата ја најавува претставата како трагикомедија со елементи на фарса во рамки на политички театар.

Динамичната драма за љубовта, пријателството и владеењето, полна со неочекувани пресврти, во изминатите 25 години имаше дури 19 премиери ширум светот, од Сараево, Марибор, Подгорица и Мостар, до Вашингтон, Мелбурн, Софија и Прага. Во Белград е поставена пред четири години.

Небојша Илиќ, Дејан Луткиќ и Војин Ќетковиќ се екипата на претставата „Ноќ на боговите“ (Фото: Новости)

„Тајната на долговечноста на една претстава секогаш е во кастингот. Претстава која има амбиции да трае, покрај тоа што мора да биде добра и посакувана од страна на публиката, мора да има и добра атмосфера во ансамблот што учествува во нејзината изведба. Овде станува збор за пријатели на кои им причинува задоволство играњето во претставата, но и да патуваат со неа и да се дружат. Сето тоа убаво се соедини. А, знаеме дека такво нешто не се случува често“, вели Илиќ за СМАРТ СДК.МК, кој на македонската јавност и е најпознат по улогите во српските филмови „Зона Замфирова“ и „Монтевидео“.

Говорејќи за театарот денес и во 1990-ите, Илиќ (46) смета дека тогаш бил подинамичен, бидејќи, за жал, и времето било такво.

„Во денешно време сѐ е некако млако, а и темите што се обработуваат често се вештачки наметнати. Се бара ’курентна стока’, теми кои добро поминуваат кај селекторите и на театарските фестивали и кои предизвикуваат внимание, но на некој надворешен план, а сето тоа изгледа неавтентично, дури и претенциозно“, рече тој.

„Тајната на долговечноста на една претстава секогаш е во кастингот“, вели Илиќ (Фото: Новости)

Вели дека, за жал, досега немал можност да соработува со македонските режисери Слободан Унковски и Александар Поповски, кои се едни од омилените творци на српската сцена.

„Морам да кажам дека најдобрите претстави што сум ги гледал биле на Унковски. Ќе спомнам уште еден автор кој имаше пресудно влијание на мене и на мојот вкус, а тоа е неодамна починатиот Горан Стефановски, чие дело има трајни вредности“.

Една ноќ, на десетгодишнината од пријателството, кралот Луј Деветти (Ќетковиќ), дворскиот шут (Луткиќ) и писателот Молиер (Илиќ) заедно се опиваат и евоцираат спомени. Среде веселба, кралот им открива дека е свесен за играта во која го исмеваат, па ги присилува своите пријатели таа фарса да ја одиграат само за него. Ова е дел од содржината на претставата со која ќе гостува во МНТ.

„Се радувам на доаѓањето во Скопје и очекувам претставата да воспостави комуникација. Скопје е вистинска театарска средина и не се сомневам дека ќе биде така“, вели Илиќ

Б. НЕСТОРОСКА