Економскиот раст и нулта толеранција за корупција и непотизам се двата врвни приоритети за државата, рече денес претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето во Собранието на инаугурацијата.
„Државата има два приоритети, подигнување на многу повисоки стапки на економски раст и нулта толеранција за корупција и непотизам. За успешен одговор на двата предизвици, власта, опозицијата и бизнис секторот мора да работат заедно. Нема просперитет ако најдобрите сакаат да работат во државната администрација или сакаат да си заминат надвор“, кажа Пендаровски, кој претходно даде свечена заклетва дека ќе ја извршува функцијата совесно и одговорно, дека ќе ги почитува Уставот и законите и ќе ги штити независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
Од Собранието, Пендаровски замина во претседателската вила на Водно, заедно со сопругата и синот. Во вилата, Ѓорге Иванов, претседател во два мандата, го пречека Пендаровски со почести, имаа 45-минутна средба, а двајцата заедно се сретнаа и со вработените во претседателскиот кабинет, по што Иванов ја напушти Вила „Водно”.
Веднаш по преземањето на кабинетот, Пендаровски имаше билатерални средби со претседателите на соседните држави кои присуствуваа на неговата инаугурација во Собранието: Илир Мета од Албанија, Румен Радев од Бугарија, Хашим Тачи од Косово и Александар Вучиќ од Србија.
Б. НЕСТОРОСКА