Шпанските ѕвезди со холивудски кариери Пенелопе Круз и Антонио Бандерас, долгогодишни соработници на режисерот Педро Алмодавар, синоќа во Кан премиерно го претставија неговиот нов филм, кој е во трка за престижната Златна палма.
Облечена во винтиџ фустан од бела-морнарско сина чипка, Круз се искачи на славните скали на Кроазета за светската премиера на „Болка и слава“, заедно со Бандерас и Алмодовар. Бандерас во автобиографската приказна го игра алтер-егото на Алмодовар, а Круз неговата мајка кога бил мал.
„Има многу од мене во филмот. Но, како ќе почнеш со пишување, така фикцијата превладува“, вели Алмодовар, кој во 2017 беше претседател на канското жири.
Филмот, кој беше добро примен од критичарите, веќе беше премиерно прикажан во Шпанија.
Круз и Бандерас стекнаа светска слава токму со филмовите на Алмодавар. Тој досега има добиено два Оскари, но ниту една Златна палма. Канскиот филмски фестивал завршува на 25 мај.