Австрискиот уметник Клаус Литман планира да засади 300 дрвја на теренот на стадионот „Вертерзе“ во Клагенфурт, во инсталацијата што ја прави заедно со архитектонското студио „Енеа лендскејп“.
Опишана како најголема јавна уметничка инсталација во Австрија, „За шума“ ќе можат да ја видат само оние кои ќе влезат во стадионот. Дрвјата избрани од средноевропските шуми внимателно ќе бидат превезени и засадени на теренот и таму ќе продолжат да растат и ќе ја менуваат бојата како што ќе се менуваат годишните времиња. Инсталацијата ќе биде отворена од 9 септември до 27 октомври 2019, секој ден од 10 до 22 часот. Дрвјата ќе бидат осветлени откако ќе се стемни, за да можат да се видат и при вечерните посети.
По завршувањето на настанот, тие ќе бидат пресадени на локации околу стадионот, кој е дом на фудбалскиот клуб Австрија Клагенфурт.
Литман на овој начин сака да оживее слика од австрискиот уметник и архитект Макс Пајнтнер, на којашто е насликана шума среде атлетска патека, додека во позадина се гледа зачадена урбана средина.