Вечерва во 20 часот, во Мала станица ќе се отвори изложбата на фотографии „Frauenkirche – фото приказна“ на реномираниот македонски фотограф Александар Кондев. Фотоприказната за катедралата во Дрезден Кондев ја започнува во 1998 и таа траеше цели дваесет години, до јуни 2018.
„Во тој временски распон Кондев во повеќе наврати го фотографира ’враќањето во живот’ на оваа катедрала, речиси целосно уништена во сојузничките бомбардирања во последните месеци на Втората светска војна. Овој проект на Кондев, според неговиот карактер, претставува предизвик на неколку рамништа, од кои два се во самиот фокус: реконструкцијата на катедралата и фотоприказната на уметникот за тој процес“, велат од Националната галерија на Северна Македонија.
Куратор на проектот е виш кустос Златко Теодосиевски.