ПРОМОЦИЈА НА „ЛЕСНО ЧИТЛИВИ ЛЕКТИРИ“ НАМЕНЕТИ ЗА УЧЕНИЦИ СО ДИСЛЕКСИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новата едиција „Лесно читливи лектири“ во издание на „Арс Ламина – публикации“ ќе биде промовирана денеска во 11 часот во локалот „Амбрела“ во Градски трговски центар.

„Преку нашиот импринт ’Либи’, ги објавивме новите 40 лектирни изданија за основно образование. Тие се разликуваат од сите претходни лектири на пазарот, бидејќи се лесно читливи, вклучително за ученици со дислексија. Изработени се според светските стандарди за дислексија, а вклучуваат и речник на помалку познати зборови, како и активности за работа на час“, вели издавачот.

Станува збор за поголем дел од листата лектири за основно образование одобрени од Министерството за образование и наука. Едицијата „Лесно читливи лектири“ е препорачана од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и од Филозофскиот факултет во Скопје.

Проектот „Лесно читливи лектири“ ја освои првата награда во категоријата „Најдобра едиција“, што ја додели Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на неодамнешниот Саем на книга.