Семејната авантуристичка комедија на Гај Ричи, „Аладин“, од денеска игра во кината Синеплекс и Милениум. Во насловната улога во првата играна верзија на оваа приказна е Мена Масуд, а Вил Смит е Духот од лампата. Станува збор за римејк на анимираниот филм од 1992 со Робин Вилијамс.
„Тоа е возбудлива приказна за младиот и шармантен Аладин, кој скоро целиот живот го поминува на улица, храбрата и одлучна принцеза Јасмин и за Духот од лампата, кој може да биде главен во одредувањето на нивните судбини“, велат дистрибутерите.
Филмот е сниман во студија во Лондон и во делови на јорданската пустина, кадешто бил снимен и „Лоренс од Арабија“. Бидејќи во реалноста не постои град Аграбах, сценографката Гема Џексон, која работела на „Игра на тронови“, искористила елементи од мароканската, персиската и од турската архитектура како инспирација.