„Спејс Екс“, компанијата на Илон Маск, ја почна својата операција на формирање на неколку милијарди долари вреден широкопојасен систем во орбитата.
Ракета „фалкон-9“, лансирана од Флорида, со себе носеше 60 сателити, што на корисниците на Земјата ќе им овозможи интернет врска со голема брзина. Маск планира да лансира околу 12.000 летала за да ја состави својата мрежа „Старлинк“.
„Спејс Екс“ е една од неколкуте комерцијални компании кои добија дозвола да изградат интернет мегаконстелација. Британската старт ап компанија „УанВеб“ почна со лансирањата во февруари годинава, а слични амбиции има и „Амазон“. Сите проекти предвидуваат вселенски летала на височина помала од 2.000 километри над Земјата, што треба да доведе до значително подобрување на интернет врската.
„Поставувањето на ‘Старлинк‘ сателитите беше успешно довршено за нешто повеќе од еден час. Секој од сателитите тежи 227 килограми“, објави „Спејс Екс“.
Според достапните податоци, во орбитата моментално има 2.000 оперативни сателити, што создава грижи дека лансирањата во наредните години ќе го заглават вселенскиот простор.