АЛБУМОТ „МОИ ПЕСНИ“ НАСТАНА ОД ЧИСТА ЗАБАВА, ВЕЛИ СТИНГ ПРЕД СТАРТОТ НА ЕВРОПСКАТА ТУРНЕЈА

Лондон, (Ролинг стоун)

Десетина дена пред настапот во Скопје, Стинг го објави својот 14. студиски албум насловен „Мои песни“, кој претставува селекција на некои од неговите најголеми хитови, ама преработени во нова верзија. Токму овие песни ќе бидат во фокусот на неговата истоимена европска турнеја, која започнува денеска во Париз и ќе трае до 2 септември. По Софија, Скопје е третата станица на турнејата и единствен град каде што Стинг ќе одржи стадионски концерт.

Нешто од „Полис“, нешто од соло кариерата, Стинг на овој начин одлучи да им даде нов живот на своите хитови и вели дека го направил тоа од чиста забава.

„Песните ви се добро познати, но аранжманите се многу посовремени. Албумот го направив само од забава, тоа е единствената причина“, вели 67-годишниот британски музичар.

Вели дека со работата на албумот почнал за Нова година, на Тајмс сквер во Њујорк.

„Ме замолија да ја свирам ‘Сосема нов ден‘, песната што ја напишав за доаѓањето на новиот милениум, што значи дека таа сега има 18 години. Се согласив, но малку го изменив аранжманот за да звучи помодерно. И така се роди идејата за овој албум. Ова ми се виде забавно и помислив дека би можел да го направам и со други песни“.

Тој вели дека немал никаков проблем со тоа да ги преработи своите хитови.

„Тие не се никакви свети реликвии, ниту музејски експонати. Ги почитувам, благодарен сум им, но сега сакавме овие песни да звучат како да се снимени денеска“, појасни Стинг и ја издвои својата омилена преработка:

„Тоа е ‘Ако сакаш некого‘ (If You Love Somebody). Ја развивме на поинаков начин и таа е заштитна песна на албумот“.