ВЛАДИМИР САЗДОВСКИ ЌЕ ПЕЕ СО АНА НЕТРЕБКО НА ОТВОРАЊЕТО НА НОВАТА СЕЗОНА НА МИЛАНСКА СКАЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот оперски пејач Владимир Саздовски ќе пее на отворањето на новата сезона во миланска Скала, заедно со најдобриот светски сопран Ана Нетребко, една од најголемите певици на денешнината. Саздовски е трет оперски солист од Македонија кој ќе пее во престижната оперска куќа, по басот Александар Стефановски и тенорот Благој Нацоски.

Во новата сезона 2019/20, Саздовски ќе пее во три опери. На отворањето на 7 декември, ќе ја пее улогата на Анџелоти во операта „Тоска“ од Пучини, кога ќе диригира главниот диригент на куќата, Рикардо Шели. Македонскиот бас ќе пее во 21 изведба на „Тоска“.

„Метрополитен е сон на секој оперски пејач, а Скала е нешто незамисливо. Сѐ уште не сум свесен“, рече тој за СМАРТ СДК.МК

Италијанските медиуми со голема возбуда пренесуваат дека Нетребко ќе се врати во Скала со легендарната улога на Тоска, со која дебитираше во Метрополитен. Рускиот сопран досега три пати ја отворала сезоната на Скала

Во март ќе пее во операта „Пелеас и Мелисанде“ од Дебиси, а во јуни во „Федора“ од Умберто Џордано. Во операта ќе пее и францускиот тенор со светска кариера Роберто Алања.

Саздовски ни рече дека улогата на Анџелоти ја има пеено само еднаш, во Националната опера и балет во Скопје, каде е вработен од 2006, а другите две улоги му се нови. Тој за Милано ќе замине во втората половина на октомври, кога ќе почнат пробите за новата продукција на „Тоска“.

Саздовски од 2017 соработува со италијанскиот менаџер и продуцент Марио Дради, застапник на најголемите светски ѕвезди во класиката, Лучано Павароти, Пласидо Доминго, Хозе Карерас и диригентот Зубин Мехта. Дради е творец и на популарниот проект „Три тенори“, кој функционираше до 2003 година.

Саздовски улогата на Анџелоти ја има пеено само еднаш, во Националната опера и балет во Скопје, каде е вработен од 2006 (Фото: М. Златевска)

„За аудицијата за ‘Тоска‘ ме подготвуваше лично Дради во придружба на пијанист, а на кастингот ме избра диригентот Шели“, вели Саздовски.

Изминатиов период беше ангажиран во театарот „Сан Карло“ во Неапол, месецов пееше во три опери на Мајските оперски вечери, ќе пее и на затворањето во „Аида“ и вели дека е букиран до 2020. Меѓу резервираните настапи е гостувањето со миланска Скала со „Тоска“ во Токио во септември 2020.

Б. НЕСТОРОСКА