Педесет и четвртото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп почнува вечерва со претставата „Макбет“ од Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ, во изведба на Македонскиот народен театар. Отворањето е во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Во официјална конкуренција, покрај „Макбет“, се уште седум претстави.
„Министерството за култура го испочитува нашето барање, така што има покачување на наградите. Сумата е четири милиони денари, а поголеми суми добивме од спонзорите. Македонскиот театар и македонското глумиште се на многу високо место во регионот. Сакам овој Фестивал да е во можност да се претставува пошироко“, вели уметничката директорка Катерина Коцевска.
Вечерва на свеченото отворање ќе бидат доделени наградите за животно дело на режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку. Во нивна чест, пред почетокот на претставата, виртуозот на гитара Влатко Стефановски ќе одржи концерт.