ДИЏЕИ, ФИЛМОВИ И ИЗЛОЖБА НА ФЕСТИВАЛОТ БЛЕНДЕР ВО КАПАН АН И КИНОТЕКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првиот дел од Блендер, фестивал за децентрализирана култура, ќе се одржи на 13 и 15 јуни во Капан ан и во Кинотека.

„Целта на овој проект е коренита децентрализација на културата во државата. Целта не е само организирање на еден ефемерен настан, туку поставување темели за понатамошни слични акции и случувања, кои директно ќе ја збогат локалната културна сцена и ќе создадат плодно тло за самоорганизирање и иницијатива“, велат од невладината огранизација „Кино – Балкан“.

В среда на полноќ се најавени диџеј сетовите на Мартчин и Роботек и влезот е слободен.

Во Кинотеката на 15 јуни, од 20 часот, ќе има проекција на филмовите на Божа Васиќ, „Дами во бело“ и „Дефинирање на гравитацијата“, изложба на фотографии од серијата „Поместување – кога твојот свет се превртува наопаку“ и концерт на скопското трио „The Local Blue“. Граѓанската иницијатива „Шепасти ентузијасти“ во Кинотеката ќе има штанд, каде се поканети сите сопственици и љубители на животни.