633 НУРКАЧИ ПОСТАВИЈА НОВ ГИНИСОВ РЕКОРД И СОБРАА 1,5 ТОНИ ЃУБРЕ

Мајами, (Си-Ен-Ен)

Група од 633 нуркачи постави нов Гинисов рекорд, учествувајќи во најмасовната акција на подводно чистење.

Тие собрале околу 1.500 килограми рибарска опрема и повеќе од 9.000 парчиња отпад од морското дно во близина на меѓународното рибарско пристаниште во Дирфилд Бич во јужна Флорида. Секој од нуркачите морал да остане во водата најмалку 15 минути за да може да важи рекордот. Откако претставникот на Гинисова книга на рекорди објави дека рекордот е соборен, организаторите на настанот прославија со шампањско.

„Неверојатно е да се видат сите овие луѓе среќни. За претходниот рекорд биле потребни 24 часа, а ние го постигнавме за само два часа и тоа е неверојатно“, изјави организаторот на акцијата Арлингтон Паван.

Претходниот рекорд датираше од 2015 година, кога во подводното чистење во Хургада, Египет, учествувале 614 нуркачи.