ВИДЕОИГРИТЕ НЕ ВЛИЈААТ НА ДЕБЕЛЕЕЊЕТО, ВЕЛИ ГЕРМАНСКО-АВСТРИСКО ИСТРАЖУВАЊЕ

Берлин, (ДПА)

Видеоигрите имаат многу мало влијание врз дебелеењето, според мета-анализата на 20 претходни студии. Анализата, што ја водеа експерти од Германија и Австрија, нашла сосема мала поврзаност, најмногу кај возрасните, но не и кај децата и тинејџерите.

„Овие резултати не ја потврдуваат претпоставката за силна врска помеѓу видеоигрите и телесната маса“, пишуваат истражувачите.

Според нив, разликата во телесната маса помеѓу оние кои играат видеоигри и оние кои не играат е помалку од еден процент. Експертите не утврдиле зошто возрасните гејмери се посклони кон дебелеење од помладите.

„Најверојатно има врска со кумулативните ефекти. Механизмите што доведуваат до зголемување на телесната тежина имаат тенденција да дејствуваат во подолг временски период“, вели водачот на истражувањето Каролин Маркер, асистентка на Универзитетот во Вирцбург, Германија, додавајќи оти повозрасните гејмери потрошиле повеќе време на видеоигри со тек на годините, отколку децата и адолесцентите, од кои повеќето интензивно играле само кратко време.