Во Македонија толку ретко се случуваат метал концерти, што верните љубители на овој жанр се радуваат кој било бенд да дојде. Но, „Канибал корпс“, последното име што во Скопје го донесоа дечките од „Терорвоид промоушнс“, не спаѓа во групата на кои било: тоа е најпродаваниот дет метал бенд на сите времиња, што вреди да се истакне, бидејќи во оваа музика ретко кој достигнува ниво на комерцијален успех.
Опстојувајќи повеќе од три децении во врвот на светската метал сцена, членовите на „Канибал корпс“ се веќе 50-годишници и некој отстрана би помислил стари за ваков тип на музика, но она што неколку стотици фанови од цела Македонија, Косово и Албанија го видоа и слушнаа во Младински културен центар беше бенд на ниво на своето високо музичко-сценско реноме (во што никој не се ни сомневаше).
По половина час пред „Канибал корпс“ добија македонските бендови „Амброз“ и „Деменси“ и се покажаа достојни на ваков предизвик. По час и половина историја на дет металот, гостите од Флорида завршија со својата ултимативна класика „Hammer Smashed Face“, прославена во филмот „Ејс Вентура“, за да се дотрошат и последните атоми енергија на веќе зовриениот и со пот и пиво натопен подиум.
На досегашните 14 студиски албуми, од кои последниот „Црвено пред црно“ (Red Before Black) излезе пред две години, „Канибал корпс“ никогаш не отстапи од своето навидум контроверзно експлицитно уметничко изразување, но тоа е само провокативен имиџ, а реалноста се врвни музичари кои буквално го превртеа МКЦ, во којшто во средина на јуни неизбежно добивате и капење во сопствената пот. Нема проблем, и онака никој не доаѓа на ваков концерт за да стои во место…
Или, да парафразираме еден прославен ракометен тренер, ако барем малку не те боли врат после ваков концерт, тоа значи дека си умрел.
ГОРАН КОНЕВ