ФОТОГРАФКАТА ЈАНЕВСКА-ИЛИЕВА И УМЕТНИКОТ ЖЕРНОВСКИ СЕ СПОИЈА ВО ИЗЛОЖБАТА „ПРИВАТНИ ДЕМОНИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 21 часот, во Младински културен центар ќе се отвори изложбата на фотографии „Приватни демони“, на која фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева соработува со уметникот Велимир Жерновски.

Интердисциплинарната изложба, која е експериментално-колаборативен проект на Јаневска-Илиева и Жерновски, е поставена во горното фоаје на МКЦ. Изложбата е составена од 11 серии на диптиси – две фотографии снимени на иста локација, но со различна светлинска изложеност. Првата е преку ден, на сончева светлина и претставува сегмент од јавниот простор во неговата реална состојба.

„На втората, ноќна фотографија, истиот простор станува приватен и личен, кога Жерновски мракот го користи како платно за цртање на неговите фантастични форми. Светлинската интервенција на Жерновски е миговна и го оплеменува јавниот простор интимно, не одземајќи ништо од неговиот заеднички карактер“, велат од Саемот на уметност „Ин ситу“.