СИГУРНО ЌЕ ИМА СОЛЗИ – КАЈЛИ МИНОГ СЕ ВРАЌА НА ГЛАСТОНБЕРИ 14 ГОДИНИ ОТКАКО ГО ОТКАЖА НАСТАПОТ ПОРАДИ РАК

Лондон, (ДПА)

Австралиската поп-ѕвезда, актерка и ЛГБТИ икона Кајли Миног вели дека ќе биде под силни емоции викендов, кога ќе настапи на познатиот музички фестивал Гластонбери, на главната бина „Пирамида“, наменета за легендите.

Миног вели дека мислела оти ја испуштила шансата кога поради борбата со ракот на дојка мораше да го откаже настапот во 2005. Таа настапи на „Пирамида“ заедно со „Сизр систерс“ во 2010, но в недела ќе се врати како главна ѕвезда на оваа бина, што признава дека многу ѝ значи.

„Доаѓањето на Гластонбери ми е многу емотивно. Многу размислував што ќе настапам на бината на легендите. Знаете, нема брз начин кој ќе ве донесе тука. Чудно е да мислиш за себе дека си легенда“, вели 51-годишната Миног во интервјуто за ДПА за нејзиното 14-годишно чекање, како и за адаптирањето на новите трендови во музиката и модата, со оглед на тоа дека е повеќе од 30 години во шоу-бизнисот.

На прашањето кој е нејзиниот рецепт за успех, со оглед на тоа дека многу успешни ѕвезди брзо исчезнуваат, таа вели:

„Долго време ме прашуваат тоа. Предноста е дека сакам промени. Се интересирам за нови нешта, за креативност, се прилагодувам. Претпоставувам дека сум како камелеон, уживам и во глума, пеење, во мода“.

Таа се присети на моментот кога пред 14 години, еден месец пред настапот, ја дознала страшната дијагноза.

„Тогаш сфатив колку животот е кревок. Сигурно повторно ќе ми дојдат тие чувства кога ќе излезам на сцена и веројатно ќе има солзи. Ќе мора да ставам водоотпорна шминка“.