НАСА ЌЕ ПОТРОШИ МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ЗА ДА ИСПРАТИ ДРОН НА ТИТАН, НАЈГОЛЕМИОТ МЕСЕЦ НА САТУРН

Вашингтон, (Гардијан)

НАСА ќе испрати дрон на нуклеарен погон на најголемиот месец на Сатурн за да истражи повеќе локации во потрага по услови за живот. Оваа мисија ќе чини една милијарда долари и дронот треба да пристигне на Титан во 2034 година.

Дронот со дизајн на двоен квадкоптер ќе лета од локација на локација на Титан, месец со услови слични на оние што постоеле на Земјата пред четири милијарди години. Ако мисијата биде успешна, тоа би можело да помогне да се сфати како настанал и се одржал животот на нашата планета и како хемија била заменета со биологија.

Научниците одамна го сметаат Титан за атрактивно место за испитување дали тој би бил способен да поддржи микробиолошки живот.

Во пејзажот на Титан доминираат песочни дини и „водени токови“, составени од течен метан и етан. Неговата површина е составена од замрзната вода, тврда како карпа. Под кората се наоѓа резервоар со течна вода, за која научниците веруваат дека има иста температура како плиткиот дел на Тихи Океан.

„Знаеме дека Титан ги има сите состојки потребни за живот. Таму се случуваат хемиски експерименти стотици милиони години, ако не и милијарди. Ние сакаме да ги собереме резултатите од тие експерименти“, вели Елизабет Тартл, главниот истражител на проектот.