Пет години по „Исчезната девојка“, режисерот Дејвид Финчер, кој во меѓувреме работеше ТВ-серии за „Нетфликс“, конечно се враќа на долгометражниот филм, и тоа со оскаровецот Гери Олдман во главната улога.
„Манк“, во продукција на „Нетфликс“, ќе се случува во златното доба на Холивуд и ќе ја раскаже приказната за Херман Манкиевич, новинар кој го напишал сценариото на „Граѓанинот Кејн“ и кој важи за личност која го трансформирала американскиот филм во 1930-ите. Познато е дека бил во конфликт со Орсон Велс околу правата за сценариото на „Граѓанинот Кејн“, за кој и двајцата добија Оскар. Тој исто така работел на филмови како „Волшебникот од Оз“ и „Мажите сакаат русокоси“.
„Манк“ е долгогодишна неостварена желба на Финчер, уште од 1997. Неговиот татко Џек Финчер, поранешен уредник во магазинот „Лајф“, го напишал сценариото, но почина во 2003. „Манк“ ќе излезе следната година.