„Бентли“ го претстави својот прв концепт на самовозечки автомобил, кој ќе може да го процени расположението на возачот и да му достави храна за да го развесели.
„EXP 100 GT“ е дел од одбележувањето на стогодишнината на компанијата и ја покажува нејзината визија како ќе изгледа луксузниот превоз во 2035 година. Неговите футуристички уреди се базираат на технологијата што „Бентли“ веќе ја развива.
„EXP 100 GT“ е целосно електричен автомобил, кој во внатрешноста ќе има напреден асистент со вештачка интелигенција, способен да го почувствува „биометриското расположение“ на возачот, следејќи му ги крвниот притисок и движењата на главата. Тој потоа ќе ги подесува стилот на возењето, амбиентот, осветлувањето, па дури и миризбата во автомобилот, за да одговараат на темпераментот на возачот. За таа цел, „Бентли“ ќе обезбеди и касети со грицки, прочистена вода, чиста облека и предмети за патување.
Планирано е автомобилот да биде полуавтономен, за да се зачува радоста на возењето во претстојната самовозечка ера, а со едно полнење на батериите, тој ќе може да помине околу 700 километри.
Возилото ќе биде опремено и со надворешни камери, кои ќе го снимаат патувањето.