ТОКИО ГИ ПОКАЖА СВОИТЕ ОЛИМПИСКИ МЕДАЛИ ДОБИЕНИ СО РЕЦИКЛИРАЊЕ НА МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ

Токио, (АП)

На точно една година до почетокот на Летните олимписки игри во Токио, организаторите ги претставија медалите што ќе им се доделуваат на најдобрите.

„Ќе бидам искрен и ќе кажам дека досега немам видено град така добро подготвен на една година до почетокот на Олимпијадата како Токио“, кажа претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.

Дизајнерот на медалите Јуничи Каваниши кажа дека тие наликуваат на „груби камења кои биле исполирани и сега блескаат со светлина и брилијантност“.

Ова се првите олимписки медали во историјата целосно направени од рециклирани материјали. Триесет и два килограма злато биле добиени од 6,2 милиона користени мобилни телефони, собрани во Јапонија за две години. Во исто време биле издвоени и 3,5 тони сребро и 2,2 тона бронза за да се направат 5.000 медали за Олимпијадата и Параолимпијадата.

Токио ќе потроши 12 милијарди долари за подготовките за Олимпијадата и вети дека таа ќе биде високотехнолошка и еколошка. Новиот Национален стадион, вреден 1,25 милијарди долари, ќе биде отворен до крајот на годината.