ГЕРМАНСКИ ДИЗАЈНЕРИ СО НАЈМЛАДАТА АСТРОНАУТКА ДИЗАЈНИРАА КУФЕР ЗА ВСЕЛЕНСКИ ТУРИЗАМ

Берлин, (Дезин)

Фирмата за куфери „Хоризн студиос“ од Берлин соработуваше со најмладата астронаутка на светот Алиса Карсон за да создаде смарт куфер за вселенски туризам.

Куферот „Хоризн уан“ е изработен од јаглеродни влакна, засилени со материјалот графин. Ова ќе овозможи поголема флексибилност и цврстина, а исто така го прави ултралесен.

Во куферот има вграден смарт екран, преку кој патниците ќе може да се поврзуваат со нивните семејства и пријатели од Земјата, а  куферот ќе може да се отклучува со распознавање на отпечаток од палецот.

Компанијата основана од претприемачите Стефан Холве и Јан Росен го создаде концептот во знак на одбележување на 50-годишнината од лансирањето на мисијата „Аполо 11“.
Дизајнот на куферот доаѓа во време кога расте интересот за вселенски туризм од повеќе компании, како „Вирџин галактик“ на Ричард Бренсон.

„Во развивањето на дизајнот се водевме од прашањата што ќе му биде потребно на патникот во вселената, и како тој ќе функционира во екстремни услови како нулта гравитација и ограничен простор“, велат од „Хоризн“.
Тие работеле на дизајнот со Алиса Карсон, најмладата членка на НАСА, која изјави дека сака да биде првиот човек кој ќе стапне на Марс.

„Мојата генерација е поблиску од кога било до вселенскиот туризам. Јас сонувам да станам астронаутка уште од три години. Уживав додека работев на нешто што ќе ја инспирира следната генерација на патници да ги рушат бариерите“, изјави 18-годишната Карсон.