Ед Ширан им се заблагодари на фановите откако неговата актуелна турнеја стана најголема на сите времиња.
Турнејата „Поделено“ постигна светски рекорд како најдолга, најпосетена и со најголем приход во историјата. „Полстар“ потврди дека 28-годишниот британски пејач го надминал светскиот рекорд на „Ју-Ту“ со вчерашниот концерт во Хановер, Германија.
„Полстар“ прогнозираше дека таа ќе донесе бруто заработка од 736,7 милиони долари, со што ќе го надмине претходниот рекорд од 735,4 милиони долари, поставен од „Ју-Ту“ во 2011.
„Благодарам на секој од вас што дојдовте на мој концерт, остануваат уште 12“, напиша британскиот музичар на Инстаграм.
Турнејата почна на 16 март 2017 и ќе заврши на 26 август во Ипсвич. Тоа значи дека Ширан ќе помине на турнеја 893 денови, во споредба со 760-те на „Ју-Ту“.
Турнејата на Ширан го надмина рекордот на „Ју-Ту“ и во посетеност, и тоа уште на 24 мај во Франција, кога имаше 7.315.970 посетители.