ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ЈА ПОКАЖУВА СВОЈАТА БОГАТА КОЛЕКЦИЈА ПЛАКАТИ НА ФЕСТИВАЛОТ СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кариерата на Влатко Стефановски ќе биде прикажана низ плакати и постери во рамките на фестивалот на музички документарни филмови Скопје синема сити, што ќе се отвори на 2 септември во Музеј на Град Скопје.

Ексклузивната изложба во Скопје насловена „Патешествие“ ќе даде увид во богатата кариера на македонскиот гитарски виртуоз низ неговиот концертен опус.

Фестивалот на музички документарен филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати за мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е далеку поголема од она што ќе биде изложено, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознати со мојата работа. Тоа ќе биде вистинско шаренило од неколку децении музичка историја низ фотографии и различни стилови и правци во графичкиот дизајн, сведоштво за некои други времиња“, изјави Стефановски.

Годинашното издание на фестивалот ќе стави акцент на гитаристи, па ќе можат да се погледнат документарци за Кит Ричардс, Роберт Џонсон, Ерик Клептон, Ник Дрејк и други.