ИДНИНАТА НА ГОЛЕМИОТ КОРАЛЕН ГРЕБЕН Е МНОГУ ЛОША, СЕ ВЕЛИ ВО НОВ ИЗВЕШТАЈ НА ВЛАДАТА НА АВСТРАЛИЈА

Канбера, (АП)

Перспективата на Големиот Корален Гребен и официјално беше намалена од „лоша“ на „многу лоша“ како резултат на климатски промени.

Во новиот петгодишен извештај на австралиската влада се вели дека најголемата закана за гребенот, кој е најголем на светот, е покачувањето на температурата на морето, предизвикано од глобалното затоплување, за кое е виновен човекот.

„Никогаш не било покритично време да се преземе нешто“, заклучува извештајот.

Протегајќи се на повеќе од 2.300 километри, Големиот Корален Гребен во 1981 година доби статус на светско наследство поради неговото огромно научно и природно значење. Но, во последните години, тој беше значително оштетен од потоплото море, кое ги убива коралите и долгорочно влијае на неговата состојба.

Владината агенција која управува со Големиот Корален Гребен мора да поднесе извештај за неговата состојба на секои пет години и во 2014 беше кажано дека „тој се наоѓа под притисок“.

„Оттогаш, овој регион продолжи да пропаѓа, па во 2019 година Австралија се грижи за променет гребен кој сѐ потешко заздравува“, се вели во новиот извештај.

Австралија вети дека ќе вложи 276 милиони долари во заштитата на гребенот.