Тимот кој ја направи првата фотографија на црна дупка објави дека сега планира да го сними првото „кристално јасно“ видео во боја на една која се наоѓа во центарот на нашата галаксија.
Филмот ќе се снима со помош на мрежата од осум радиотелескопи „Ивент хорајзон“, кои ќе добијат поддршка од три мали сателити, што ќе бидат лансирани од САД за таа намена. Истражувачите велат дека надградената мрежа ќе биде во можност да ја види супермасивната црна дупка како го апсорбира материјалот околу себе.
Телескопите од Гренланд, Франција и Африка заедно со сателитите ќе создадат супертелескоп, способен да прави остри снимки од црната дупка.
„Следниот чекор е да видиме црна дупка во акција. Исто како и планетите, и црните дупки ротираат, а поради својата неверојатно силна гравитација, тие ги искривуваат времето и просторот околу себе. Да се види вакво нешто е светиот грал на астрофизиката“, изјави професорот Хајно Фалке од универзитетот Радбоуд во Холандија.
Уште посложена работа ќе биде да се направи видео во боја од објект чија гравитација е толку интензивна што ниту светлината не може да избега. Црните дупки немаат боја и она што астрономите можат да го видат е материјалот што се влева во неа, станувајќи суперзагреан гас.
Во почетокот на годината, истиот тим објави фотографија од супермасивна црна дупка во срцето на далечна галаксија.