СТОТИЦИ НАУЧНИЦИ ТРГНУВААТ НА НАЈГОЛЕМОТО ИСТРАЖУВАЊЕ НА АРКТИК ВО ИСТОРИЈАТА

Берлин, (Би-Би-Си)

Германскиот истражувачки брод „Поларштерн“ е подготвен да тргне на крајниот север на она што е наречено најголема арктичка научна експедиција во историјата. Планирано е тој да остане среде морскиот мраз цела година и за тој период ќе го посетат околу 600 научници од 19 држави со цел да ја проучуваат климата.

Вредноста на проектот „MOSAiC“ се проценува на 130 милиони евра и ќе биде поддржан од ледоломци од Русија, Шведска и Кина. Среде најголемата зима, бродот ќе биде снабдуван со намирници преку авиони и хеликоптери.

Целта на „MOSAiC“ е да ги проучи сите аспекти на климатскиот систем на Арктик и инструментите ќе бидат поставени во мразот околу бродот, некои и 50 километри далеку. Едногодишното истражување треба да даде појасни проекции за идните климатски промени.

„Арктик е епицентарот на глобалните климатски промени и регион чиј климатски систем најмалку го разбираме. Арктик моментално се загрева двапати побрзо од остатокот на планетата, но не знаеме како температурните трендови ќе се развиваат во претстојните децении. Немаме никакви груби климатски предвидувања за Арктик и не ги разбираме доволно тамошните процеси. Ова и затоа што никогаш досега не сме биле во можност да го набљудуваме преку цела година, особено кога мразот е најгуст“, вели Маркус Рекс од институтот „Алфред Вегенер“ во Потсдам, кој е лидер на експедицијата.

Поларштерн“ ќе тргне вечерва од норвешкиот град Тромсе и го чека патување од 2.500 километри до најсоодветната точка на застанување.