„Хуавеи“ го претстави својот најнов смартфон кој не содржи повеќето од апликациите кои однапред се инсталирани на Андроид уредите. Моделите „мејт 30“ и „мејт 30 про“, како и „мејт 30 про 5Г“ немаат Јутјуб, Гугл мепс и Џимејл, но ни Гугл плејстор преку кој се инсталираат други апликации. Место тоа, „Хуавеи“ додаде нови сопствени алтернативни апликации.

„Фејсбук, Инстаграм и Вотсап ќе бидат достапни преку нашиот сопствен сервис Huawei App Gallery“, изјави портпаролот на кинеската компанија.

Новиот смартфон беше претставен на специјален настан во Минхен.

„Знаете, поради забраната од САД, на телефонот не можеа однапред да се инсталираат апликациите од мобилниот сервис на Гугл, па бевме принудени да го користиме нашиот сопствен мобилен сервис“, појасни шефот на технолошкиот оддел Ричард Ју.

Тој додаде дека 45.000 апликации се веќе интегрирани во технологијата на компанијата, но не даде ниту едно име. Колку за споредба, во Гугл плејстор има 2,7 милиони апликации.

Ју тврди дека „мејт 30“ даунлодира податоци двојно побрзо од „самсунг ноут 10+ 5Г“, односно 25 пати побрзо од најбрзите 4Г телефони.