Имаше многу чудни моменти на ревијата на „Баленсијага“ на Модната недела во Париз: од јакната на надувување што го претвори моделот во Гру од „Подлиот јас“ преку сината сценографија инспирирана од Европскиот парламент до кредитни картици што се носат како обетки.
Вака изгледа шпанскиот моден бренд откако негов главен дизајнер стана Демна Гвасалија. Тој аранжираше филмско студио во париското предградие Сен Дени така да потсетува на Европски парламент во Стразбур, поставувајќи ги сините столчиња во облик на овален амфитеатар, додека студен воздух излегуваше од клима-уредите.
Колекцијата пролет 2020 на „Баленсијага“ се вртеше околу моќта, „без разлика што работите“, појасни самиот креатор. Оттука, моделите не беа модели, туку луѓе од најразлични професии: архитекти, студенти, уметници, музичари, инженери, келнери…